Расцветани виршли во тесто
Posted by: Marta
October 12th, 2011 >> ПЕЦИВА, ПОГАЧИ, ПИТИ, ТЕСТА, ЛЕБОВИ,TEСТЕНИНИ
Еве другарка ми Катерина сподели со нас некои од нејзините рецепти. Инаку таа е позната по месењето кифли и погачи!
Потребно е:
500 гр меко брашно, просеано
1 пакетче сув квасец
1 лажиче шеќер
1 лажиче сол
1 јајце
250-300 мл топло млеко
50 гр путер, растопен
9 виршли
(за премачкување):
1 јајце
1 лажица маслиново масло
2 млади кромидчиња, ситно сечкани
(за посипување):
сусуам
Подготовка: Во сад ставете ги просеаното брашно, квасец, шеќер, сол, додадете ги јајцето, топлото млеко и замесете тесто. Додадете го растопениот путер и месете го тестото. Тоа треба да биде меко и да не се лепи за раце и на површината.
Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да се подигне 30 до 45 минути, за да го удвои волуменот. Потоа, премесете го тестото и одвојте 9 топчиња од него. Секое топче премесете го и оставете го малку да одмори. Земете едно топче и со сукало исукајте го во форма на квадрат со ширина како виршлата. На едниот крај од тестото ставете ја виршлата, замотајте ја во тесто и расечете ја на 4 еднакви делови.
Внимавајте да не го расечете целото тесто. Земете го првиот и последниот дел од тестото и преклопете ги едно преку друго.Пресечените парчиња виршла превртете ги за да изгледаат како цвет и за да се видат виршлите.Вака подготвени, наредете ги во тавче обложено со хартија за печење и оставете ги на топло да се подигнат уште 20 минути. Измешајте ги јајцето, маслото и кромидчињата и со оваа смеса премачакјте ги цветовите. Посипајте со сусам и ставете ги да се печат во рерна загреана на 200 целзиусови степени, околу 30 минути додека да добијат златна боја, односно додека тестото да биде печено.