– 500 гр. леќа
– 250 гр. сечкани маринирани шампињони
– 100 гр. маргарин
– 2 главици кромид
– корен од целер
– 100 гр. моркови
– 3 чешниња лук
– магдонос
– лебни трошки
– 2 лажици соја сос
– масло за јадење сол и црн пипер
Потребно време за подготовка на ова предјадење е 70- тина минути.
На покрупната страна од рендето ги рендаме морковот, коренот од целер, лукот и кромидот. Во тенџере на оган ставаме масло да се загрее. На загреаното масло го ставаме изренданиот зеленчук да се пржи. Промешуваме и додаваме уште масло за јадење. Потоа во тенџерето ја додаваме леќата. Промешуваме, посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Во тенџерето налеваме вода. Промешуваме и додаваме 2 лажици соја сос. Го покриваме тенџерето со капак. Вариме на тивок оган 30 минути.
Во меѓувреме шампињоните ситно ги сечкаме. Во тава на оган ставаме масло да се загрее. Во тавата ги додаваме шампињоните. Магдоносот ситно го сечкаме и го додаваме во тавата. Промешуваме за време на пржењето. По две минути ја тргаме тавата од оган. И тенџерето со сварената леќа го тргаме од оган. Содржината од тенџерето ја истураме во цедалка. Огноотпорниот сад го попрскуваме со малсо за јадење. Половината од леќата ја ставаме во садот и ја рамниме со лажица. Врз леќата го ставаме филот од печурки и го рамниме со лажица. Врз филот ја ставаме преостанатата леќа и ја рамниме со лажица.
Во тенџере на оган го ставаме маргаринот да се растопи. Мешаме за маргаринот побрзо да се растопи. Во растопениот маргарин додаваме 2 лажици лебни трошки. Мешаме, го тргаме тенџерето од оган и со содржината од тенџерето ја преливаме мусаката од леќа и печурки. Огноотпорниот сад го ставаме во рерна. Печеме 25 минути на температура од 190 степени. Го вадиме огноотпорниот сад од рерна и мусаката ја сечеме на 6 парчиња. Две парчиња од мусаката од леќа и печурки ставаме на чинија за послужување. Парчињата мусака ги преливаме со јогурт и ги наросуваме со ситно сечкан магдонос.