Како да зготвите совршени тестенини?

Posted by: Marta

August 12th, 2011 >> СОВЕТИ, ГОТВАЧКИ ТРИКОВИ, МИСЛИ :)

Тестенините се особено популарни и се многу вкусни, барем мене :). Не бараат многу време за подготовка или пак големи готварски способности, а освен тоа – се приготвуваат на најразлични начини, што значи дека постои рецепт со тестенини за сечиј вкус. Тестенините се нешто што може да се приготви на 1.000 начини и речиси секој ги сака. Откако ќе ги сварите, направете сос.Но, пред да започнете со готвење на шпагети потребно е да знаете како правилно се приготвуваат тестенините. Еве неколку трикови што ги украдов во Италија:

Користете големо тенџере со многу вода. Честа грешка на луѓето е што ги варат тестенините во мало тенџере. Тестенините треба слободно да се движат во тенџерето  и им е потребна многу вода. Ако тенџерето е премало или ако има малку вода во него, тогаш тестенините ќе се залепат една со друга и нема да се сварат подеднакво. За да сварите 500 грама тестенини, потребно е да ставите најмалку 4 литри вода и една рака сол. Варете ги тестенините без капак!

  1. Ставете ги сите тестенини наеднаш во вода што силно врие. Ако ги додадете тестенините во вода што ја нема достигнато точката на вриење, тогаш скробот ќе започне да се раствора. Водата треба силно да врие за да ги спречи тестенините да се залепат една со друга.
  2. Имајте го во предвид времето за готвење што е препорачано на пакетчето, но не го земајте здраво за готово. Некои тестенини треба да се варат подолго, а други пократко, во зависност од формата и дебелината. Прочитајте на етикетата колку е препорачано да се варат тестенините што сте ги купиле, но тоа нека ви послужи само за да можете да се ориентирате. Најдобро ќе знаете дали тестенините се готови ако ги пробате.
  3. Тестенините се готови кога ќе бидат „al dente“. „Al dente“ е италијански израз за варени тестенини или ориз кои се малку цврсти, но не тврди или преварени. Кога ќе ги каснете тестенините, тие треба да бидат цврсти на средината (да ви создадат потреба да ги џвакате), но да немаат тврд центар (тврдиот центар е знак дека не се готови). Исто така, не треба да дозволите тестенините да бидат премногу меки или преварени.
  4. Исцедете ги по варењето. Веднаш откако ќе решите дека тестенините се готови, тргнете го тенџерето од оган и истурете ги во цедалка. Подигнете ја цедалката и протресете ја за да се ослободите од вишокот вода.
  5. Не ставајте масло во водата. Употребата на масло ќе го спречи спојувањето на тестенините и сосот. За да не дозволите тестенините да се залепат една со друга во текот на варењето, мешајте со дрвена лажица.
  6. Не ги мијте тестенините. Многу луѓе ги мијат тестенините по варењето. Но, тоа не треба да го правите, затоа што ќе го измиете и скробот што го има врз нив. Скробот е неопходен за сосот подобро да се соедини со тестенините.
  7. Не ги кршете шпагетите. Ставете ги во садот така што долниот дел ќе биде потопен во водата, а од горниот – потпрен на работ на тенџерето. Шпагетите полека ќе омекнат и ќе пропаднат, без да се искршат.
  8. Пригответе ги тестенините непосредно пред сервирање. Сепак, ако треба да ги приготвите тестенините предвреме, по готвењето измијте ги со ладна вода, исцедете ги, ставете во нив масло и промешајте. Маслото ќе спречи да се залепат. Можете да ги ставите во покриен сад во фрижидер. Оваа тактика е особено корисна ако ги приготвувате за гости. Сосот задолжително пригответе го непосредно пред сервирање.
  9. Ако ги преварите тестенините, прелијте ги со ладна вода. Ако сте ги вареле тестенините малку подолго од потребното и ако се меки, прелијте ги со ладна вода веднаш откако ќе ги тргнете од огнот. Така веднаш ќе го прекинете процесот на готвење. Овој трик нема да ви помогне ако тестенините се премногу меки.
This entry was posted on Friday, August 12th, 2011 at 20:55 and is filed under СОВЕТИ, ГОТВАЧКИ ТРИКОВИ, МИСЛИ :). You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0 feed. Both comments and pings are currently closed.

Comments are closed.